Ре-објавување на Јавен повик до Здруженија на граѓани / невладини организации

August 18, 2022

Врз основа на Оперативниот План за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 7.2 Обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во заедницата, имплементирана од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во партнерство со УНДП, Швајцарската агенција за развој и  соработка, на ден 18.08.2022 година го ре-објавува:

Јавниот повик до здруженија на граѓани / невладини организации:

Се повикуваат сите заинтересирани постоечки здруженија на граѓани / невладини организации кои имаат желба и мотив да станат даватели на социјални услуги во домот и заедницата, да се пријават во работните клубови на Агенцијата за вработување за учество во оваа мерка.

Со оваа мерка ќе се овозможи поддршка на здруженијата на граѓани / невладините организации во создавање одржлив и успешен субјект / давател на социјални услуги:

- Обезбедување обучена и квалификувана работна сила преку стручни обуки;

- Субвенција на плати за лицата вработени како даватели на социјални услуги во износ од 30 780 (бруто) денари во период од 10 месеци;

- Покривање на оперативни трошоци и трошоци за управување;

- Менторска и советодавна поддршка низ целиот процес.

Заинтересираните здруженија на граѓани / невладини организации за учество на мерката може да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници.

Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка за вработување, како и врз основа на основни принципи кои треба да се почитуваат при  имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, односно:

- Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19;

- Принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија на граѓани, во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот;

- Поттикнување рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија.

Правата и обврските помеѓу АВРСМ, УНДП и здруженијата на граѓани / невладини организации ќе бидат уредени со склучување меѓусебни договори.

Заинтересираните здруженија на граѓани / невладини организациии треба да пополнат Пријава за учество во Центрите за вработување, секој работен ден од 9:00 до 14:00 часот.

Покрај пријавата, заинтересираните здруженија на граѓани / невладини организации треба да достават пополнет Апликативен формулар и документи за поддршка наведени во Апликативниот формулар, во скенирана форма на e-mail адресата: rabotaimoznosti.mk@undp.org

Апликативниот формулар за мерка 7.2 Обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во заедницата, може да се преземе на овој линк.  

Детални информации за мерката се достапни тука, а дополнителни информации може да добиете на контакт телефоните: 070 384 046 и 071 329 534 или на e-mail адресата: rabotaimoznosti.mk@undp.org

Лица за контакт за повеќе информации:

Зерина Рамиќевиќ (zerina.ramikevik@undp.org) и

Викторија Нешковска Каракотева (viktorija.neshkovska@undp.org)