Родова еднаквост во политичкиот живот преку раст на квотата на свеста

Posted March 8, 2022

Автори: Мирко Трајановски, специјалист за комуникацииi, и Жаклина Гештаковска Алексовска, специјалист за родови прашања

Оваа блог објава е исто така достапна на Англиски и Албански јазик.

---
Септември 2000 година. Во државата се одржуваат првите локални избори во 21 век. Епилогот е следен: од вкупно 123 избрани градоначалници, само три односно 2,44 отсто се жени.

Октомври 2021 година. Дваесет и една година и пет изборни циклуси подоцна, граѓаните одлучуваа кој ќе управува со општините во Република Северна Македонија во наредните четири години. Исходот е 79 градоначалници и само две градоначалнички односно 2,47 отсто или речиси еднаков процент со оној од пред две децении. Со цел сликата да биде целосна, ќе го споделиме и податокот дека од првите избори за градоначалник одржани во 1996 година до последните во 2021 година, за прв човек на општините биле избрани 642 мажи и 18 жени [1].

Овие бројки се емпириски показател дека заложбите на политичките елити за родова еднаквост и вклученост на жените во процесите на носење одлуки на локално ниво се анегдотични. Додека во глобални рамки, 2021 се одбележува како година во која жените достигнаа највисоко ниво на партиципативност на одлучувачки позиции во политиката, Северна Македонија припаѓа во групата држави во кои речиси и да нема позитивни поместувања во последните две декади, што особено се отсликува во позициите на извршната власт за кои не постојат законски дефинирани квоти за родова застапеност. Во прилог на ова тврдење е и фактот што во новиот владин состав избран на 16 јануари 2022 година има 17 мажи и само четири жени [2]. Сепак, мора да бидеме објективни дека ниту глобалната слика не е розова. Статистиките на светско ниво покажуваат дека се неопходни крупни и искрени реформски процеси за да се постигне родова еднаквост во политичкиот живот.

Но, зошто да чекаме промените прво да се случат во некои други држави? Зошто да не бидеме предводници и носители на промени кога станува збор за давањето еднакви можности на жените да менаџираат со локалниот развој? Трендот од последните локални избори треба да влијае освестувачки, со оглед на фактот што во наредните четири години ќе има само две градоначалнички – Данела Арсовска, која раководи со Град Скопје и Жаклина Јовановска, која освои нов мандат во Старо Нагоричане. Оваа ниска бројка не треба да изненадува никого, особено ако се има предвид фактот дека од вкупниот број кандидати за градоначалничка позиција само 8,36% беа жени. Се разбира, ова можеби е доминантна, но не и единствена причина за огромниот родов јаз. Воведувањето изборна квота во однос на родовата застапеност на жените на кандидатските листи не го решава коренот на проблемот кој е многу подлабок. Неопходни се внатрепартиски реформи во насока на поголема демократизација, како и зголемување на свеста за важноста на родовата еднаквост во сите политички субјекти во државата. Тука, вредно е да се спомене и фактот дека независните листи и помалите партии имаа поголем процент на жени кандидатки за градоначалнички позции [3], но и помали шанси тие да бидат избрани што го покажаа изборните резлутати.

"За жал, треба да повторам дека во Република Северна Македонија имаме голем проблем ако поаѓаме од бројките. Имено, од 2000-та година до 2021 година имаме некаде околу 2,4 отсто, потоа 3,5, па 4,9 отсто, во 2017 година имало 7,4 проценти, за потоа во 2021 да дојдеме повторно на 2,5 отсто жени градоначалнички. Ова е проблем кој всушност, според мене, бара професионален пристап и анализа за да видиме зошто се случува ова. Значи, во тек на кампањи и партиски активности жените може да се знаменосци, но кога треба да се подели власта тогаш се проценува дека не треба да бидат тие туку мажите." 
– 
Бујаре Абази, заменичка на градоначалничката на Град Скопје

Се разбира, при анализите на состојбата мора да се земе предвид општествениот и социјално-економскиот контекст. Изданието Women Political Leaders: The Impact of Gender on Democracy, кое е базирано на анализа на повеќе од 500 истражувања за влијанието на жените лидерки во политиката и во јавниот живот, како најголеми препреки за жените да стигнат на лидерски позиции го посочува тројството: пари, насилство и културолошки норми. Токму насилството, пред сè во форма на сајбер закани, навреди и омаловажувања е една од главните причини поради која жените се обесхрабрени да влезат во „политичкиот ринг“. 

"Не само сега туку и во иднина нема да има жени на високи раководни позиции, особено не кога тие се избрани раководни функции. Многу е едноставно таму каде што имате заштита од квота и многу е едноставно таму каде што некој ќе ви дозволи да бидете министерка или некој ќе ве стави на некоја листа да бидете пратеничка, но таму каде што ќе треба сами да се изборите и да излезете фронтално за да покажете и докажете дека меритократијата треба да биде основниот услов, а не политичката определба или пак послушното однесување кон лидерот на одредена политичка партија, никогаш ние успех нема да имаме во Македонија. Затоа од вас сите тука апелирам да се добие поддршка за секоја една жена којашто во овој момент е предмет на напад, којашто во овој момент континуирано се деградира, и треба да знаеме сите дека тоа нема да се промени сè додека вие сите не застанете наспроти сите оние коишто се обидуваат да деградираат затоа што сега во овој момент кај нас во Македонија се смета дека можете тоа да го правите, а да останете неказнети." 
– 
Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје 

“Јас не памтам јавно било која политичарка да излезе со осуда за сопствената партија од која доаѓа, значи небитно од која доаѓа, доколку истата партија нападнала жена од спротивната страна. Јас искрено гледам само некои памфлети каде сите глумиме дека некого поддржуваме меѓутоа сето тоа е така бледо. Доколку не било бледо сега сигурно ќе имавме и некоја законска регулатива за да не се продолжи со такви напади, за да не сме на ова што сме денес и на тој начин сигурно денес ќе имавме поголем број на жени кои сакаат да се занимаваат со политика. Јас како мое лично искуство морам да го кажам тоа што се случувало пред избори, и во 2017 и сега. Многу е тешко да најдеш жени кои сакаат да застанат на листа, посебно зборувам за независна листа. Тогаш и едни и други и трети имаат заеднички именител да се деградира и девалвира сета идеја којашто ја прикажува таа жена. Многу е тежок процесот да стигнеш до жени кои имаат храброст. Не зборуваме дали имаме способни жени, зборуваме за жени кои треба да бидат охрабрени.” 
– Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола

Од друга страна, кога зборуваме за културолошките норми мислиме пред сè на пристапот до време, слободната одлука за избор и мобилноста на жените да можат да се ангажираат во политичкиот или деловниот живот. Како поткрепа на ова тврдење е проценката дека жените во земјава извршуваат 72 отсто од неплатената работа во домот и грижата за децата што значајно влијае на нивните можности и преостанато време за извршување платена работа, кариерен развој или пак поголемо учество во јавниот живот, вклучително и политиката [4]. 

Се разбира, барањето жените да имаат рамноправни шанси со мажите на политичката сцена не се базира само на проста математичка еквиваленција туку повеќе на реалниот придонес кои тие можат да го дадат во креирањето подобри и поинклузивни средини. Впрочем, обемното глобално истражување на Westminster Foundation for Democracy (WFD) покажува дека жените се поинклузивни лидерки и можат да придонесат за унапредување на демократските процеси во  општеството [5].

Имено, во него се наведени следните заклучоци: 

  • Колку повеќе жени има на политички позиции толку помал е степенот на корупција и поголем е квалитетот на јавните услуги;
  • Како креаторки на политики, жените ги вклучуваат темите од социјалната сфера, образованието, здравството и целокупната добросостојба, со што се придонесува за порамноправно општество и општество кое се грижи за сите граѓани;
  • Државите со лидерки е помалку веројатно да бидат вклучени во воен конфликт и во нив е констатирано поголемо почитување на човековите права.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го поддржува женското лидерство, особено на локално ниво, преку јакнење на капацитетите на општинските совети и на Комисиите за еднакви можности меѓу жените и мажите. Компонентата за почитување на принципите за родова еднаквост е содржана во сите проекти посветени на локалните самоуправи и УНДП секогаш инсистира на целосно имплементирање на овие принципи, бидејќи тоа е едниствениот начин еднаквоста да не остане само декларативна заложба на хартија. Една од централните дебати на Годишната конференција за децентрализација и локално управување, која се одржа во декември 2021 година, беше токму овозможувањето еднаков пристап на жените во одлучувачките тела на локалните самоуправи. Дел од жените кои успеаја да влезат во телата на локалната власт на изборите во октомври 2021 година испратија инспиративни пораки и ги споделија пречките и предизвиците со кои се соочиле и се соочуваат.  

“Едно општество не може вистински да се развие ако пола од неговата популација ја става во сенка. Тоа значи дека автоматски жените многу малку се вклучени било во раководните позиции, било во јавниот живот или во економската застапеност. Сите овие три компоненти ја прават жената да биде во една нерамноправна положба во семејството и во општеството. Еднаквоста они ја сметаат како закана, се извинувам можеби и некој дел од жените така го гледа како закана дека ние влегуваме на некоја територија што припаѓа на некој друг, што ја скроил со години: „Е сега еве овие дојдоа да нѝ кажат или да нѝ ја земат оваа територија.“ Јас велам, родовата еднаквост не значи ова што го кажувате дека земаме право на едниот и му даваме на другиот туку родовата еднаквост е како да креираме еднакви можности за сите, па после меритократијата ќе покаже кој каде може да стигне.” 
– Арбреша Влаши, претседателка на Советот на Општина Струга

Сепак, за да се оствари визијата на г-ѓа Арбреша Влаши, неопходен е широк општествен консензус, институционална посветеност и одговорност и секако подигнување на јавната свеста. Што може да помогне на краток рок?

  1. Финансирање и поддршка на жени на лидерски позиции во политиката.
  2. Квоти - онаму каде што ги нема, ги нема ниту жените.
  3. Вложување во економија на грижа односно споделување на домашните обврски кои доминанто паѓаат на товар на жените.
  4. Остро санкционирање на говорот на омраза за менување на културолошките норми
  5. Максимално вклучување на мажите.
  6. Позитивно портретирање на жените лидерки бидејќи тие се оние на кои младите ќе се угледаат.

Замислете ваква сцена: предизборна ТВ дебата, локални избори 2041-ва година, пет кандидатки и пет кандидати. Новинарите ги прашуваат кандидатите за градоначалници: Како ќе се справите со балансирање на семејните обврски и обврските кои ги носи градоначалничката позиција? Додека прашањето за кандидатките гласи: Која политичарка беше ваша инспирација во 2022 година?

Еднаквоста не е ниту закана ниту неостварлив сон. Таа е остварлива. Нема да се случи преку ноќ, ниту пак ќе биде објавена со огномет. Сепак, за да се случи, неопходно е долгорочно и искрено залагање на сите, и на мажите и на жените, за да се забрза процесот кој неминовно доаѓа. За доброто на сите!

---

Видео изјавите користени во блогот се од дебатата на тема „Родово еднакви општини“ која се одржа на 23.12.2021 година во рамки на Годишната конференција за децентрализација и локално управување на УНДП.

[1] Вкупен број на избрани градоначалници во периодот 1996 – 2021 година – Реактор – истражување во акција (reactor.org.mk)

[2] Состав на Владата на Република Северна Македонија | Влада на Република Северна Македонија (vlada.mk)

[3] Локални избори 2021, осврт на кандидатските листи за градоначалници и избраните носители од родов аспект – Реактор – истражување во акција (reactor.org.mk)

[4] Жените во време на КОВИД-19: Вредноста на неплатената работа – Реактор – истражување во акција (reactor.org.mk)

[5] Women Political Leaders: The Impact of Gender on Democracy | Westminster Foundation for Democracy (wfd.org)